Мицкоски: Придонесот на Србите во општествениот и јавен живот покажува дека заедно можеме да ја трансформираме Македонија напред

од Nikola Popovski
34 прегледи

Српската православна црква и верниците денеска го одбележуваат Денот на Свети Сава, кој важи за една од најзначајните личности во српската историја. Денот се празнува во чест на првиот српски архиепископ, просветител и творец на законодавството. Свети Сава се смета за основоположник на српската средновековна литература и заштитник на образовните институции.

По тој повод, со честитка се огласи и премиерот Христијан Мицкоски. Според него, празнувањето на денот во Македонија го покажува меѓусебното почитување и доверба, како и добрата соработка и негување на односите помеѓу српскиот и македонскиот народ.

-Вашиот придонес во општествениот и јавен живот покажува дека заедно, обединети, во заедништво и преку почитување на различностите, културите и традициите можеме да ја трансформираме Македонија напред, а за граѓаните да обезбедиме подобра и посигурна иднина. Македонија мора да се гради и да има економски напредок, а тоа го можеме само доколку сме сплотени. Затоа цврсто сум убеден дека градењето на соживот, толеранција и пријателство ќе биде еден од вредностите кои ќе бидат нашата водилка за остварување на нашите цели. Почитувани пријатели од српскатa заедница, Ви посакувам убав празничен ден исполнет со радост. Нека е честит големиот празник Свети Сава, стои во пораката на премиерот.

Празникот Свети Сава се празнува 18 години во Македонија, откако со измените на Законот за празници на 8 февруари 2007 година е прогласен за национален празник на Србите во земјава.

Во МНТ ќе се одржи Светосавска академија на која ќе присуствуваат поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, заедно со неговиот српски колега патријархот Порфириј.

Слични содржини