Мицкоски: Работиме на воведување дигитален македонски денар и дигитална банка

од Nikola Popovski
82 прегледи

Јас за овие теми разговарав и со господинот Хауард Лутник кој што беше овде, а сега е во процес за избор за нов министер за економија во САД. Тогаш дојдовме до идеја за дигитален македонски денар и дигитална банка и работиме на ова, изјави премиерот Христијан Мицкоски запрашан дали Владата подготвува законска рамка за користење на криптовалутите во земјава, со оглед на надминатата граница на биткоинот од 100.000 долари.

Според Мицкоски, има работи кои претходно мора да се усогласат и вели дека тоа го прават.

-Тоа е иднината и мислам дека ќе бидеме први во регионот кој што ќе се обидеме вакво нешто да направиме. Има различни мислења – дел велат дека ова е балон кој што брзо ќе издише, други велат дека дополнително ќе расте и споменуваат и седумцифрени вредности, некои и милионски вредности во следнава декада. Во зависност од експертите кои што се опфатени, такви и пораки се испраќаат. Силно верувам дека овие технологии се иднината за развој во кој што треба да се фокусираме, кажа Мицкоски денеска од Владата.

Вредноста на најпознатата криптовалута во светот се зголеми поради растечките надежи дека новоизбраниот претседател на СAД, Доналд Трамп, ќе усвои низа политики што ги поддржуваат криптовалутите.

Оваа година, цената на биткоинот се зголеми повеќе од двојно и е зголемена за околу 45 отсто во четирите недели откако Трамп победи на изборите.

Слични содржини