Мицкоски разговарал со Лутник за развивање на економското партнерство со САД

од Nikola Popovski
29 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски утрово информира дека остварил телефонски разговор со американскиот државен секретар за економија, Хауард Лутник, за кој вели дека е пријател на Македонија и докажан поддржувач и веќе еднаш го посети Скопје.

-Во духот на блиското македонско-американско партнерство, потврдивме дека нашите односи се цврсти, пријателски и исполнети со заемна доверба, при што истакнав и дека стратешкото партнерство со САД е врвен приоритет за Владата. Ја нагласив важноста на американската поддршка за стабилен и просперитетен Балкан, а посебно за прашањата кои се од витално значење за економската соработка, објави Мицкоски, додавајќи дека се согласиле да продолжат да го развиват стратешкото и економско партнерство помеѓу двете земји.

Американскиот претседател Трамп објави 90-дневна пауза на царините за над 75 земји, наградувајќи ги затоа што не возвратиле со контрамерки, но ја зголеми давачката за кинескиот увоз на 125 насто, откако Пекинг му зададе удар на Вашингтон со 84 насто царини за увозот од САД.

„Не сакаме да им наштетиме на земјите кои не заслужуваат. Сите сакаат да преговараат. И сакаме да го сториме тоа како што треба. Решавањето на овие царински трговски прашања би било добра работа. Во однос на Кина не сум загрижен дека ситуацијата ќе ескалира, сепак мислам дека претседателот Си е паметен човек и мислам дека на крајот ќе направиме добар договор за двајцата“, изјави Трамп.

Намалување на царинските стапки за САД со измени на законот, најави пред два дена министерката Гордана Димитриеска-Кочоска. Се очекува Министерството за надворешни работи и надворешна трговија да потпише договор за слободна трговија со САД. Додава дека во моментов, само една компанија е директно засегната. Но, министерката уверува дека нема простор од стравување за отпуштања од работа, зголемување на инфлацијата и намалување на растот на краток рок.

-Сè уште не е прецизирано во кој дел точно ќе има намалување, но секоја држава го штити домашното производство, вели министерката за финансии.

Потенцира дека трговската размена со САД е под еден отсто или вкупно 314 милиони евра минатата година. Уверува дека нема да има директните ефекти од најавените првични 33 отсто царини од американската администрација за Македонија.

Слични содржини