Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека денешната средба со претставниците на УПОЗ поминала во конструктивна атмосфера и дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да оди кон зголемување на платите на административните службеници за вкупно 40 проценти во наредниот период.
Како што посочи Мицкоски, УПОЗ е еден од двата репрезентативни синдикати што ги застапуваат административците и се дел од Економско-социјалниот совет. Тој потсети дека пред десетина дена е остварена средба и со вториот репрезентативен синдикат од КСС, при што на двата синдикати им била понудена истата рамка за зголемување на платите.
Премиерот изјави дека синдикатите побарале време за консултации со своите раководства и дека во текот на денешниот или утрешниот ден се очекува нивен одговор. Доколку предлогот биде прифатен, како што рече, договорот би можел да се финализира веќе во недела, а од понеделник да започне подготовката на моделот за индивидуален синдикален договор.
Според најавите, исплатата на зголемените плати би започнала со платата за март, која ќе се исплаќа во април, и би вклучувала осумпроцентно зголемување, заедно со усогласување по основ на растот на минималната плата. Истиот модел, како што најави Мицкоски, би се применувал и во 2027 и 2028 година, со што административните службеници кои досега немале зголемување би достигнале најмалку 40 проценти повисоки примања во однос на сегашното ниво.
Во однос на иницијативата на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ) за намалување на платите и надоместоците на функционерите, премиерот оцени дека решението мора да биде уставно и законско. Тој нагласи дека Владата има стратегија до крајот на мандатот, во 2028 година, постепено да ги намалува коефициентите за пресметка на платите на избраните и именуваните лица, со цел нивните примања да се вратат на нивото пред одлуката на Уставниот суд со која во минатото беа зголемени за 78 проценти.
Мицкоски оцени дека актуелниот предлог за интервенција во платите на функционерите е неуставен и популистички, додавајќи дека такви решенија во минатото веќе биле оспорени од Уставниот суд.