Премиерот Христијан Мицкоски со своја филозофија кога се работи за дивоградбите. Запрашан дали планира да постапи како албанскиот премиер Еди Рама и да урива дивоградби, одговори дека неговата „филозофија е да гради, а не да руши“. „Мојата филозофија во животот е да градам, не да уривам. Дали имаме други прашања?“, рече премиерот при минатонеделната посета на Општина Брвеница.
Ваквата тема е особено важна во пресрет на локалните избори. Дел од јавноста оди подлабоко во своите размислување и прашува за какви „дивоградби“ може да се говори, кога државата, и сите нејзини институции „утврдуваат правен статус“ на „бесправно изградени објекти“ и практично ги изедначуваат со легално изградените објекти. За поранешната пратеничка и аналитичарка на состојбите во државата, Никица Корубин, за да може да се оцени изјавата на премиерот Мицкоски, треба прво да дефинираме што подразбираме под терминот „дивоградба”, особено после донесување на Законот за бесправно изградени објекти во 2011 година и неговата улога – “со овој закон се уредуваaт условите, начинот и постапката за евидентирање, утврдување на правен статус и санкционирање на бесправно изградените објекти“.
-Закон кој е менуван 12 пати за постојано пролонгирање на „легализацијата на дивоградбите“. Тие се веќе речиси 15 години легализирани, со заедничка партиска волја, и ако сакаме разбирање, а потоа и решение на проблемот, треба работите да ги поставиме на вистинското место: не е прашањето кој има интерес бесправно да гради, туку зошто институциите на државата го штити и легализира тој интерес, а не интересот на граѓаните и на целото општество и за издржана урбанизација, но и за логичен правен систем, вели Корубин во разговор за „Локално“.

Никица Корубин/Фото: Принтскрин
Запрашана дали со оваа изјава се поттикнуваат уште повеќе оние кои градат на диво, соговорничката смета дека нема потреба од никаква изјава, за да поттикне или да спречи нешто, ако де факто постои законска регулатива која овозможува константна легализација на бесправно изградени објекти, која е на сила цели 15 години.
-Тоа е доволен период за да се создаде цела „култура на нелегално градење“, која елегантно ќе биде наречена „утврдување на правен статус“. Затоа и треба да бидеме внимателни со терминот „дивоградба“, затоа што според нашата законска регулатива тие „градби“ само чекаат да им “се утврди правниот статус” со константна надеж за пролонгирање на рокот за легализација, во бројните измени на закон, кој од социјален аспект, морал да биде строго временски ограничен, а не да се биде основа и совршен изговор за „урбанизацијата на диво“ без контрола, ама законски покриена. Лицемерно е и комично, било која политичка партија, да реагира на оваа тема, која била во позиција кога нејзини членови биле пратеници или министри, и се што направиле е пролонгирање на рокот за легализацијата на бесправно изградените објекти, анализира Корубин.
Екс-пратеничката тврди дека не постои таков бизнис интерес, кој е посилен од позицијата на моќ што ја има било која политичка позиција, која ги создава или ги затвора сите можности за нелегално градење. Подобро е прашањето, според Корубин, како е искористена било која политичка позиција, која со себе носи и генерира моќ, да спречи нелегална градба или да создаде услови за истата.
-За тоа е и пренесениот легитимитет од граѓаните на избори, кон пратениците, а тие кон министрите; каков систем градат преку законски решенија и спроведување на истите, пред кои, било какви бизнис интереси се немоќни. Како и за што ја употребуваат својата политичка моќ, носителите на политички функции? И дали таа кореспондира со изјавите што ги даваат, прашува Корубин.
Своја реакција на изјавата на премиерот имаше и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски. Тој го праша премиерот Мицкоски дали промовира анархија и беззаконие во државата. Јакимовски на неговата изјава реагира со зборовите:
„Многу јака филозофија си имал. Ти си бил за градење, а знаеш ли дека дивоградбите не се градење туку се анархија. Очигледно твојата филозофија е беззаконие, не постои премиер во светот што поддржува беззаконие. За тебе се битни оние што градат на државно земјиште, без урбанистички планови и без стандарди. Ние мислевме дивоградби градела мафијата, а тоа биле твоите партнери. Затоа ли го предложи твојот другар за кандидат за градоначалник на Карпош? За да може да дивеете низ Карпош? Е, мало сутра“.
Пред неполни два месеци, беше соопштено дека во Македонија има над 200.000 дивоградби во 80 општини. За ова информираше вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити на прес-конференција во Владата. Тој ги повика институциите да дејствуваат насекаде и неселективно.
„Во земјава, во 80 општини има над 200.000 дивоградби и ако не грешам, во албанските општини предничи Општина Гостивар“, рече Меџити. По инцидентот во Општина Чаир, каде што беше нападната градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, при увид на дивоградба, вицепремиерот рече дека институциите треба да се остават да дејствуваат насекаде, но не селективно.

Средба на двајцата премиери Христијан Мицкоски и Еди Рама/Фото: Официјален профил на Христијан Мицкоски
Албанија и албанскиот премиер Еди Рама се актуелни изминатиот период со широката кампања за уривање на дивоградби, особено на туристичкото крајбрежје околу Валона и Саранда.
Рама порача дека кампањата за уривање на дивоградбите во Албанија ќе продолжи. Посебното државно тело за оваа намена – Националниот инспекторат за заштита на територијата (ИКМТ) неодамна урна 66 нелегални објектикај р’тот Родон кај Драч. Рама го опиша подрачјето како природно богатство кое било злоупотребено за профит преку нелегална градба.
ИКМТ се фокусира на неовластени градби, фокусирајќи се на крајбрежните зони и заштитените подрачја.