Премиерот Христијан Мицкоски за случајот во Кочани и притворот за сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев, вели дека Обвинителството постапува согласно истрагата и тоа што се од МВР, полицијата го испорачува.
-Не треба никој да има дилема. МВР ќе постапи така како што треба. Да оставиме да ја водат истрагата. Жалам што некои некрофили во политичките партии се обидуваат преку овој случај да добијат политички поени. Тоа им се враќа како бумеранг во глава и не им е успешна мисија. Јас никогаш нема да го политизирам случајот. Работиме на таков проект со Канцеларијата со ЕУ. Се надевам дека до крајот на овој месец ќе ја објавиме големината на овој проект за Кочани и што ќе опфаќа. Ние како Влада имаме обврска и одговорност да се бориме за правдата. Веќе има, рече премиерот при пуштањето во употреба на реконструираното Одделение за управни работи во зградата на МРТВ.
За известувачот за Македонија во ЕП, Томас Вајц и одложената расправа за Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ, Мицкоски вели дека го сретнал само еднаш во животот кога дошол во Владата, заедно со група на европратеници во која што биле и европратеници од Бугарија.
-Лично немавме можност да разговараме. Наше легитимно право е да одиме низ светот и да се бориме за нашите аргументи, тоа е наше елементарно право. Изминативе месеци лавовски се бориме насекаде во свет, за да ги вратиме загубените позиции кои ги распродаде претходната влада. Можеби сме малубројни, но имаме срце и ќе се бориме за Македонија. Тоа не може никој да го спори правото. Го слушавме претседателот на источниот сосед како дава изјава дека „треба да сме будни, Македонците лобираат низ светот“. Ќе продолжиме да се бориме, дали ќе успееме не знам, но знам дека ќе бидеме во подобра положба и ќе оставиме подобра положба на генерациите пред нас, кажа премиерот.
Мицкоски порача дека тоа што го ветуваат како владеачка коалиција, го испорачуваат, но во зависност од приоритетите, истакнувајќи дека „многу дупки од минатото мора да се санираат“.