Само со преодна Влада може да обезбедиме национално единство и доверба кај граѓаните, а Демократската унија за интеграција после 20 години да ја пратиме во опозиција и криминалците да одговараат, истакна лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашната трибина „Политики за силна култура и развиен туризам“, што се одржа во Охрид во рамки на акцијата „Ова е Македонија за сите“.
Појаснувајќи ги причините зошто на лидерската средба со претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски предложил преодна влада без ДУИ, Мицкоски рече дека тоа нема да значи амнестија за криминалот, туку детронизирање на ДУИ и државата ќе нема премиер кој не е избран од народот.
Пред охриѓани изрази уверување дека е можна интеграција во Европската унија и зачувување на националното достоинство, јазик и посебност, спротивно од она што, како што посочи, го кажуваат СДСМ дека интеграција е можна само со уставни измени под бугарски диктат. Дециден е дека без европска интеграција и заштитен идентитет Уставни измени нема да има.