Мицкоски се пожали дека нема опозициски пратеници во Собрание за да постават прашања до Владата

Премиерот порача дека пратениците од опозицијата се „или во собраниското бифе или не ни дошле на седницата“

од Nikola Popovski
29 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги обвини опозициските партии дека речиси сите нивни пратеници не присуствувале на седницата на пратенички прашања во Собранието. По дадената еден час пауза од страна на спикерот на Собранието, премиерот продолжи да одговара на пратенички прашања, а од редовите на опозицијата беше присутен само пратеникот Реџеп Исмаил од Левица.

-Денеска сме 25 декември, заврши паузата, камерите можат да ја снимат салата во делот на опозицијата. На ден кога треба опозицијата да ја прашува Владата, да видат на што личат столиците во кои што седат народни избраници. Има еден од опозицијата кој што е присутен, додуша тој со невладини организации се занимава. Ова е сликата на македонската опозиција. Да видат граѓаните кој утре претендира да биде Влада во Македонија, рече Мицкоски одговарајќи на прашања од страна на пратеници од неговата ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот порача дека пратениците од опозицијата се или во собраниското бифе или не ни дошле на седницата.

Смета дека опозицијата „се исплашила од брзи парламентарни избори на пролет“. Вели дека нема да дојде до тоа бидејќи, како што вели, има многу работи за решавање и многу предизвици. Најверојатно, според Мицкоски, ќе има редовни парламентарни избори во 2028 година.