Мицкоски се сретна со Вучиќ: „Наша заедничка цел е подобра иднина за сите граѓани“

од Nikola Popovski
53 прегледи

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска се сретна со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ во Белград. Констатирано дека двете држави немаат отворени прашања, а односите се базираат на меѓусебно почитување и пријателство.

-Мора да создаваме мостови за економска и политичка соработка со сите соседи и да градиме иднина за нашите граѓани, објави премиерот Мицкоски на социјалните мрежи.

Мицкоски ја предводи македонската делегација на меѓународниот саем „Винска визија на Отворен Балкан“. Шефот на владата ќе има средба и со српскиот колега Вучевиќ.

– Со претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски за зајакнување на односите и заеднички иницијативи за постабилна иднина на нашите граѓани. Разговаравме за економски и инфраструктурни проекти, со посебен акцент на изградбата на пругата Будимпешта-Белград-Скопје-Атина-Пиреја, која би ги поврзала јужна и централна Европа, како и за подобрување на трговската размена и соработка во областа на енергетиката, пишува на официјалниот Инстаграм профил на претседателот на Србија.

Тој посочи дека се согласиле дека солидарноста и меѓусебната поддршка се клучни за стабилноста и развојот на целиот регион.

– Особено сум благодарен за фактот што Северна Македонија е еден од клучните партнери во иницијативата Отворен Балкан, која стана симбол на силна регионална соработка и поврзување на Западен Балкан. Нашата заедничка цел е подобра иднина за сите граѓани, а соработката преку иницијативата Отворен Балкан и други проекти останува цврста основа врз која ја градиме иднината на целиот регион. Убеден сум дека во иднина ќе ги развиваме односите во духот на пријателството и партнерството – заклучи Вучиќ.

Слични содржини