Ќе направиме „упад“ кај малкумина партизирани обивнители и судии кои влијаат негативно врз нивните колеги кои си ја вршат работата согласно закон и Устав. Господинот Лога, но и останатите од претходната власт, имаа можност речиси седум години да го реформираат судскиот и обвинителскиот систем и да го направат двоцифрен процентот на доверба, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски по вчерашното писмо на министерот во правда во заминувањ до меѓународниот фактор околу распуштањето на Судскиот и Советот на јавни обвинители.
Околу спроведувањето на Преспанскиот договор и користењето на уставното име, Мицкоски вели дека има „хистерија“ во Грција.
-Не очекувам талибански однос и талибанско однесување од било кој политичар и цензурирање на елементарно човеково право. Се што е содржано во Преспанскиот договор и е дел од нашиот правен систем и уставен поредок, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ тоа и ќе го почитува. Решенијата со пратениците ги добивме со новата придавка. Мое човеково право е правото на слобода на изразување и говор. Не им се лутам на политичарите кога не го кажуваат целото и потполно име на државата, туку само крајот или дел од тоа име. За мене мојата татковина во секоја моја изјава е Македонија и ќе остане Македонија, изјави идниот мандатар, одговарајќи на новинарски прашања.
На Самитот во НАТО во јули, додава Мицкоски, ако се отвори тоа прашање, мојата порака ќе биде дека „јас би сакал да градам мостови на соработка со соседите“.
-Македонија и народот се мирољубиви и гостопримливи. Така се однесувале, очекувам така да се однесуваат и нашите соседи – да соработуваме и негуваме добрососедски односи, кажа Мицкоски на прес-конференција во Собранието.