Премиерот Христијан Мицкоски реагираше откако лидерот на СДСМ, Венко одби да учествува на најавената лидерска средба и потенцира дека мора да остане во функција Техничката влада. Мицкоски вели дека „преку повикот сакал да повика на зрелост и широчина и како партии да се обединат“.
-Темата на оваа лидерска средба не беше само Законот за Влада бидејќи ако така одлучиме да се однесуваме како него – незрело и неодговорно, тогаш нас и не ни е потребна лидерска средба. Ние со 61 глас во Парламентот можеме да ја избришеме Техничката влада, не ни е потребно мислењето на опозицијата, но сакаме процесот да биде инклузивен. Ако сакавме да се однесувавме незрело, тогаш можевме тоа да го направиме и без таа лидерска средба. Но, сакав на лидерската да поразговараме и за реформските закони бидејќи ќе бидат во Парламентот како што се Законот за ЈО, Изборниот законик, Законот за Судски совет, но и уште четири реформски закони, кажа Мицкоски од пуштање во употреба на нова детска градинка во Општина Гевгелија.
Премиерот додаде дека во наредните денови ќе ги достави поканите до политичките партии за најавената средба. Смета дека пораките од СДСМ се збунувачки и оценува дека од партијата „бегаат од лидерската“. Потенцира дека приоритет не му се парламентарни избори.