Со оваа власт се случуваа скандали на секојдневна основа во изминативе седум години, а потребно е луѓето кои ја водат државата да демонстрираат лична заложба и да бидат пример што ќе ги охрабри сите да направат нешто повеќе, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Секогаш кога говорам со меѓународни претставници кои се присутни во државата или кои остваруваат посета во нашето седиште на партијата вообичаено ме прашуваат па добро што ќе направите, што ќе сторите вие. Не постои рецепт што јас би требало да направам, не постои таков случај. Потребно е да има политичка волја која би требало да биде одлучна без било каков компромис, без било какви концесии и отстапки. И однесувањето на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе две години е типичен пример на тоа дека не сме исти“, рече Мицкоски на конференција во Скопје во организација на Паневропската унија на Македонија.
Нагласи дека откако градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се на чело на општините нема ниту еден единствен случај за корупција или криминал што е поврзан со нив.
„Ние имаме брилијантни законски решенија пишани на хартија, меѓутоа она што недостасува е спроведување. На пример, имаше еден случај за М-НАВ, група на политички активисти со криминалци влегуваат во објект кој што е од круцијално значење за НАТО државите. Меѓу нив е еден кој што е претседател на локалниот огранок на партија ДУИ. Само што го притворија, вчера беше пуштен на слобода“, рече Мицкоски.
Тоа, како што посочи, не е добар пример и затоа, додаде, укажуваме дека има двојни аршини и за жал ова е реалноста со која што се соочуваат граѓаните секојдневно со оваа власт.