Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека не го познавал Ненад Савески пред да биде донесена одлуката за негов предлог за нов шеф на Јавното обвинителство. Информира дека Владата ја донела одлуката врз анализа на сите кандидати и нивните биографии.
-Воедно и заклучоците од Советот на јавни обвинители. Донесовме заклучок дека Ненад Савески може да биде соодветно решение за нов државен јавен обвинител. Јас лично не го познавам, но од она што можев да го видам од неговата биографија и од распрашувањето, цениме дека може да биде одличен нов државен јавен обвинител, рече премиерот по работната средба со Советот на Странски инвеститори во Стопанската Комора.
Мицкоски се уште не знае кога формално предлогот ќе биде доставен до Собранието на гласање, но очекува да биде во текот на денешниот или утрешниот ден.
Освен Савески, кандидати за иден државен јавен обвинител беа и досегашната вршителка на должноста Анита Тополова Исајловска, обвинителката Лидија Раичевиќ и поранешната специјална јавна обвинителка Ленче Ристовска.
Иако на огласот распишан од Собранието во јануари годинава, првично се пријавија петмина кандидати, Советот на јавни обвинители го дисквалификуваше поранешниот судија Владимир Панчевски. Савески, пак, доби позитивно мислење и од сите десетмина членови на Советот.
Претходникот на Савески, Љупчо Коцевски, си даде оставка во декември минатата година, односно на истиот ден кога македонското Собрание требаше да решава за негово разрешување