Премиерот Христијан Мицкоски повторно ја обвини претходната Влада за национални предавства и потпишување на, како што вели, сите документи кои што им беа на маса. Мицкоски вели дека политичарите кои сега се во опозиција се „национално исплакнати луѓе кои што освен кариера и да го крадат народот, ништо друго не им преостанува“.
-Оваа Влада прави жесток обид да се поврати, барем малку, од она што тие го распродадоа. Го вадиме на виделина сето она за кое што досега ако имал некоја дилема, верувам отсега нема да има. Продолжуваме жестоко да се бориме за нашиот идентитет и за тоа што сме, а не тоа што сакаат да бидеме. Нема посвето нешто од тоа да се бориш за својот народ и татковина, рече, меѓу другото, Мицкоски по повод пуштањето во употреба на булевар „Свети Климент Охридски” во Гевгелија.
Премиерот зборуваше и за демографската слика во државата.
-Некои можеби ќе ме прогласат и за конзервативен, некои можеби ќе ме прогласат за човек кој што можеби живее во минатото, но, јас мислам дека потомството, создавањето семејство и дечињата е патриотски чин и денеска така се брани иднината на Македонија и македонскиот народ. Ценам дека двојно зголемените бесплатни ин-витро процедури се во таа насока и тука не застануваме. Продолжуваме и понатаму. Во годината што следи ќе имаме многу поробусни акции кои што ќе значат подобрување на демографската слика во Македонија, додаде, меѓу другото, Мицкоски.