Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски вчера во видеообраќање од Вашингтон објави дека тој и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, имале „исклучително висока квалитетна и плодна средба“, што резултирала со договор за специјална економска соработка односно заем за Македонија во износ од 500 милиони евра. Кредитот ќе биде наменет за развој на економијата и за инвестиции во инфраструктурата. Според македонската влада, ваквото задолжување е по поволни услови, што сметаат дека е поради блискоста и поврзаноста на челниците на ВМРО-ДПМНЕ со партијата ФИДЕС на Орбан. И во минатото имаше неколку официјални средби меѓу Мицкоски и унгарскиот премиер, особено во Будимпешта.
Од друга страна, Орбан не ужива голема поддршка кај своите колеги од Брисел. Ова оттаму што Орбан редовно ги напаѓа институциите на ЕУ. Во говорите и интервјуата на домашен терен постојано тврди дека ЕУ го загрозува унгарскиот суверенитет. Во последните години Унгарија блокираше повеќе одлуки на останатите членки на ЕУ. Поради тоа се поставува прашањето дали ризикува Мицкоски да влезе во таквиот круг во Европа и со тоа да ја „повлече“ и Македонија со себе? Според дел од домашната јавност, блискоста на ВМРО-ДПМНЕ со Орбан не треба да не изненадува бидејќи постоеше и претходно. За политикологот Борјан Ѓузелов, блискоста доби и нова, финансиска форма која не е нужно лоша доколку, како што вели, со овој кредит се финансираат капитални инвестиции кои ќе донесат подолгорочен економски раст и добробит за граѓаните.
-Сепак јас би бил повеќе загрижен доколку новата влада почне да го пресликува моделот на конзервативно и и либерално владеење на Орбан и Вучиќ. Тоа е модел на брзи реформи, краткорочен економски раст и долгорочно демократско назадување преку заробување на институциите и медиумите, нешто што ние веќе го искусивме и со Груевски, вели Ѓузелов во краток разговор за „Локално“.
Прашање е, додава соговорникот, дали мала држава како Македонија треба повторно да си дозволи да тргне по тој пат за кој знаеме каде води.
На прашањето дали македонскиот премиер можеби типува на враќањето на Доналд Трамп на чело на САД, што е однесување кое го покажува и неговиот пријател Орбан, Ѓузелов смета дека „веројатно да“.
Од друга страна, политичкиот аналитичар Бесим Небиу го анализира односот на ФИДЕС со Европската Народна Партија и напуштањето во 2021 година, пред се, како што вели, бидејќи ќе беше избркана од истата. Според него, со тоа, главната европска мејнстрим десничарската партија, засекогаш ги прекина сите идеолошки врски и асоцијации со Виктор Орбан и неговата политика.
-Секако ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде придружна членка на ЕПП, но играњето на двете карти се чини дека ќе биде долгорочно тешко изводливо. Со оглед на тоа дека Македонија не е членка на ЕУ, немаме европатеници, па затоа и санкциите и односите со ЕПП како најголема група во Европскиот Парлемент се повеќе на идеолошки отколку на политичка база. Од гледна перспектива на Брисел, но и Берлин, Рим и Париз, изборот е јасен – долгорочно не можеш да стоиш во нивните редови, а истовремено и во Орбановите. Сите пријатели на Орбан стануваат одметници во очите на ЕУ, ова го покажа и последниот пример со ново-стариот премиер на Словачка – Фицо, чија партија СМЕР (номинално лева, но со слични популистички и тенденции како ФИДЕС) исто така беше избркана од ПЕС во октомври 2023. Меѓу другото и поради блискоста со Орбан и стоењето на позиции кои денес во ЕУ се гледаат како про-руски. Очекувам дека ВМРО -ДПМНЕ многу бргу ќе се соочи со прашањата, дали сте со нас, или со Орбан, оценува Небиу во разговор за „Локално“.
Соговорникот тврди и дека средбата на членовите на македонската влада со блискиот соработник на Доналд Трамп, Ричард Гренел во Вашингтон е јасен индикатор за тоа дали очекуваат враќање на познатиот американски бизнисмен повторно на чело на американската администрација.
Околу тоа дали овој вид на однесување наликува можеби на она на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој се обидува да седи на две столчиња, аналитичарот одговара потврдно, но, вели дека позицијата на Вучиќ и онаа на Мицкоски сепак се разликуваат, исто како што се и позициите на Србија и Македонија.
-Србија не е членка на НАТО, таа не ја спроведува надворешната политика на ЕУ кон Русија, не вовела сакнции, Србија култивира отворено сојузништво со Путин и Русија, Русите се еден од главните ивеститори и центри на економска моќ во српската економија. Исто така Вучиќ и неговата партија се отворено проруски ориентирани, додека ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту нејзиното раководство не се отворено проруски ориентатирани. Политаката на Стејт Департментот и г-нот Жозеп Борел, е да го одоброволат Вучиќ да се тргне од руската прегратка и да ја пренсе Србија поврсто и подинамично кон западот. Значи, ниту еден од горенаведените елементи кои ги имаме во Србија не се пристутни кај нас, објаснува Небиу и додава:
-Mислам дека периодов Мицкоски и новата влада сепак добиваат „грејс период“ со оглед на фактот дека е тоа сосема нова Влада. Но, јасно е дека неговите потези се набљудуваат со особено внимание и во Брисел но и во другите европски престолнини.
Во меѓувреме, унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретна со поранешниот американски претседател Доналд Трамп веднаш откако присуствуваше на самитот на НАТО во Вашингтон.
Орбан сподели фотографија од нивната средба на одморалиштето на Трамп во Мар-а-Лаго на Трамп на Флорида на Платформата X со натпис: „Мировна мисија 5.0 (…) Разговаравме како да постигнеме мир. Добрата вест на денот: Тој ќе го реши тоа!“.
Орбан е во добри односи со Трамп од неговата победа на претседателските избори во САД во 2016 година. Последен пат тие се сретнаа во март, по што Орбан го нарече Трамп „претседател на мирот“, а Трамп го нарече Орбан „фантастичен лидер“.
Целта на Трамп е да ја врати Белата куќа на Републиканската партија на изборите во ноември и да го замени претседателот Џо Бајден, кој се очекува да биде кандидат на Демократите.
Н.П.