Денес се навршуваат 21 година од трагичната авионска несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски, заедно со неговите соработници и екипажот на авионот. Македонија тогаш загуби државник со визија, лидер кој веруваше во помирување, стабилност и европска иднина на татковината, објави премиерот Христијан Мицкоски по повод годишнината од смртта на екс-претседателот.
Како што наведе претседателот на Владата, Трајковски ќе остане запаметен по својата посветеност, смиреност и решителност во најтешките моменти за државата.
-Неговите заложби за мир, соработка и интеграција се вредности кои и денес остануваат пример за сите нас. Вечна му слава. Македонија никогаш нема да го заборави, стои во објавата на Мицкоски.
По истиот повод се огласи и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Нагласи дека Трајковски беше вистински државник, проевропски политичар, пример за храбро и мудро лидерство.
-Ќе остане запаметен по неговите заложби за соживот, мир, за напредок и меѓународна интеграција на нашата држава, порача пратеникот и претседател на СДСМ.