Денес сме собрани со исклучително важна цел – да потврдиме дека реформите не се само зборови во програма, туку дела што се гледаат и чувствуваат. Нема модерна држава без модерна администрација. Нема напредна економија без функционален јавен сектор. Нема доверба во институциите без професионални, одговорни и мотивирани службеници, порача Христијан Мицкоски, претседател на Владата денес во своето обраќање на настанот „Инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор” во организација на Министерството за јавна администрација.
Премиерот Мицкоски нагласи дека инвестиција во административните службеници е инвестиција во иднината на јавниот сектор, односно како што рече ова не е само слоган, туку е визија и обврска пред граѓаните.
-Јавната администрација е темелот на државата. Таа сте вие – луѓето кои секојдневно го носат товарот на институциите. Вашата работа е лицето на државата, вашиот став е впечатокот кој граѓаните го добиваат за институциите.
Овој прв циклус на генерички обуки – со 600 учесници од локално и централно ниво – е јасен сигнал дека оваа Влада не се плаши од промени, туку ги носи. Обезбедивме врвни меѓународни обучувачи, современи програми и методологии кои не само што го пренесуваат знаењето, туку ја менуваат и културата на работење, истакна тој и додаде:
-Неодамна, јавната администрација беше сведена на политички плен. Наместо развој – партизација. Наместо мотивација – страв и реваншизам. Наместо обука – клиентелизам.
Претходната влада ја остави администрацијата демотивирана, со нарушена доверба, со луѓе кои се чувствуваа оставени на цедило. Чекавме со години за нормални системи за обука, а резултатите беа стагнација и загубени генерации на службеници кои немаа пристап до современи знаења.
Тоа време заврши. Денес јавно кажуваме: јавната администрација нема повеќе да биде партиски плен. Ќе биде професионална, ефикасна и ќе работи за граѓаните, порачува премиерот.
Според него, Естонија ни покажа дека малите земји можат да бидат големи по иновации, а Словенија покажа дека администрацијата може да биде мотор на реформите.
-Тоа се приказни кои почнале како што ние почнуваме денес – со луѓе кои решиле да се обучуваат, да се менуваат и да ја менуваат својата земја.
Нашиот пат кон Европската Унија е повеќе од хармонизација на закони – тоа е создавање институции кои работат по европски стандарди. Овие обуки се доказ дека не чекаме да ни биде кажано што да правиме. Ние сме генерацијата што ја презема иницијативата и сака да ја донесе Европа дома – преку современ јавен сектор.
Апел до министрите и градоначалниците: Ве повикувам сите министри, директори и градоначалници: продолжете да ги поддржувате ваквите програми. Осигурете се дека секој вработен во вашите институции ќе има пристап до обука, менторство и можност за професионален развој. Ова не е трошок – ова е најпрофитабилната инвестиција за државата.
Мицкоски порача дека заедно можеме да создадеме јавен сектор кој нема да биде само апарат на државата, туку двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на Македонија.
Времето на Македонија е сега. Ние сме генерацијата која мора да ја извлече државата од мракот на партизацијата и да ја однесе во светлината на европската иднина. Ве повикувам – учете, прашувајте, дискутирајте. Бидете храбри да воведувате нови практики. Бидете тие кои ќе ја остават администрацијата поефикасна, почесна и посилна од кога било.
Заедно ќе создадеме јавен сектор кој нема да биде само апарат на државата, туку двигател на развојот, партнер на граѓаните и гарант на европската иднина на Македонија, изјави премиерот Мицкоски.