Мицкоски тврди дека нема да се случи сценариото од 2018: Осумтемина пратеници не беа изманипулирани

од Nikola Popovski
175 прегледи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека нема да се случи сценариото од 2018 година кога дел од тогашните пратеници на неговата партија гласаа за предлогот за почнување на уставните промени.

Ако мислите дека оние осуммина кои што гласаа спротивно на македонските интереси биле изманипулирани, не биле. Тие точно знаеле што прават. Денеска во 21 век во ера на модерна технологија нема такви изманипулирани – си имаа личен бенефит и поради тоа си ја продадоа кожата, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во пресрет на почетокот на денешната собраниска Комисија за уставни измени, правејќи паралела со пратениците од неговата партија кои гласаа за измените на Уставот кои беа предвидени со Договорот со Грција.

Според Мицкоски, оваа пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ која сочинува 44, се јасни и прецизни во својот став дека нема да гласаат за повторно отворање на Уставот.

Вчера имавме координација и без ниту еден збор никој да каже, во просторијата јасно беше дека уставни измени под бугарски диктат нема да има. Нема потреба да чекаме, ако заврши уставната комисија, уште утре нека закажат седница и да видиме дали имаат 80 пратеници, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од Битола.

Во 2018 година, на самото гласање пратениците од опозицијата станаа од своите столчиња, но не ја напуштија салата. Во собраниските клупи останаа само седуммината пратеници: Елизабета Канческа – Милевска, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски, Зеќир Рамчиловиќ, Нора Исмаиловска – Старова, Емилија Александрова како и Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија.

Слични содржини