Мицкоски тврди дека пред Таравари се две опции: „Никого во животот не сум молел ниту имам намера да молам“

од Nikola Popovski
585 прегледи

При денешната посета на Општина Штип, премиерот Христијан Мицкоски беше запрашан за неговата средба со министерот за здравство, Арбен Таравари. Мицкоски информира дека ќе разговараат за актуелните политички случувања.

-Што се однесува до неговите активности како член на Владата, ние речиси секојдневно комуницираме. Генерално би сакал да слушнам како размислува во делот на последните случувања. По мене има две опции за избор – едната е оваа на Владата која нуди реформи, промени и испорака за граѓаните и втората е онаа која години наназад ја криминализираше државата и ги уништуваше институциите и ја клекна државата. Нема трета опција, тоа е изборот. Би сакал да чујам од господинот Таравари која опција за него е најдобра, кажа премиерот.

За неговите лични односи со предводникот на едното крило на Алијанса на Албанците, Мицкоски додаде дека како човек има позитивно мислење, но во политиката, образот е нешто што го имаш или немаш.

-Или држиш до зборот или не држиш. Во неговиот случај, најмалку три пати сум покажал и сум го држел зборот и во моменти кога можеби имало и дилема во рамките на раководството на партијата. Затоа задкулисни игри се провидни игри и лесно се идентификуваат и препознаваат. Најчесто им се удираат од глава на оние кои што ги прават. Никого во животот не сум молел ниту имам намера да молам. Со или без Таравари, Владата е стабилна со големо мнозинство. Останува на него и неговите сопартијци да одлучат, порача премиерот, одговарајќи на новинарски прашања.

Слични содржини