За премиерот Христијан Мицкоски не е прашање дали ќе се декласифицираат материјалите за прислушувањето туку вистинското прашање е како да се спречат злоупотребите и повеќе тоа да не се повтори. Тоа ќе се случи, вели премиерот, само кога ќе има одговорност. А одговорност мора да има, порача Мицкоски во неговото денешно обраќање на свеченоста по повод Денот на независноста.
Повикувањето да се декласифицира документацијата за прислушкувањето, Мицкоски го гледа како страв и паника на оние кои повикуваат на такво нешто и како изговор да се дефокусира јавноста.
– Се следи и прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до минатата власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто и измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи кои не постојат. За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот од моето следење, рече Мицкоски.
-За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот поврзан со мене, а богами и со моето семејство. Ајде разбирам јас, ама децата?! И тука сакам да подвлечам: не е прашањето дали ќе се декласифицираат материјалите-тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние кои повикуваат на такво нешто, и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми, додаде премиерот.
Посочувајќи дека сите материјали и сознанија за незаконското следење се предадени на Обвинителството, Мицкоски рече дека одблизу ќе го следи овој случај.
– Сите материјали од институциите и сознанија за незаконското следење, двојно од двете безбедносни агенции, се предадени на обвинителството. Ги знаеме нивните слаби капацитети и ниската доверба во нив, но овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат – оваа работа нема да се стави под тепих. И ова е прашање на опстојување на државата. И во периодот што следи ќе се одмотува овој гордиев јазол, порача Мицкоски.