Мицкоски: Унгарија е пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција

од Nikola Popovski
34 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски информира дека утрово имал плодна и пријателска средба со унгарскиот колега Виктор Орбан. Премиерот во објава на социјалните мрежи наведе дека историјата сведочи за нашиот заеднички стремеж кон мир, просперитет и соработка.

-Унгарија во минатото беше еден од првите наши партнери кој ги препозна македонските стремежи за независност и суверенитет. Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција, посочува претседателот на македонската Влада.

Орбан пристигна во земјава со голема делегација во која има околу десет министри.

Според дневната агенда, денеска по средбата на двајцата премиери ќе се одржи меѓувладина средба, по што Мицкоски и Орбан ќе одржат заедничка прес-конференција.

Орбан доаѓа во земјава по десет години откако во 2013 година беше одликуван со Орденот „8 Септември“ за исклучителни заслуги во развојот и зајакнувањето на пријателските односи и мирната соработка меѓу Македонија и Унгарија.

Слични содржини