„СДС треба да се срами што го лаже и манипулира народот, бидејќи вчера претседателот беше на состанок на кризен штаб на кој беа преземени сите потребни чекори за борбата против подметнатите пожари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на тврдењата на СДСМ дека премиерот Христијан Мицкоски вчера присуствувал на партиска трибина во Куманово.
ВМРО-ДПМНЕ во соопштението ги спомна екс-лидерот на СДСМ, Зоран Заев и сегашниот Венко Филипче.
-За разлика од порано кога Заев и Филипче се сончаа на грчките плажи додека Македонија гореше, сега сите функционери од ВМРО-ДПМНЕ вклучувајќи го и претседателот на било каков начин се вклучени за да се најде решение. Среќа, активни пожари има само 9 активни, 4 под контрола, 1 локализиран, а 49 изгаснати, порачаа од најголемата владеачка партија.
Од СДСМ соопштија дека вчера „кога две лица ги загубија животите во пожарите, а институциите целосно потфрлија во управување со кризата, Мицкоски реши да си држи партиски трибини наместо да ја мобилизира целата влада за справување со кризата“.
Вчера Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ испрати соопштение дека претседателот на партијата заради состојбата со пожарите, нема да присуствува на трибината во Куманово, која ќе се одржи во 19:30 часот. Сепак, на официјалниот профил на Мицкоски на социјалната мрежа Фејсбук беа објавени низа фотографии на кои премиерот држи говор пред присутни членови на партијата и дел од функционерите.
„Од Куманово соопштив една добра вест за целата држава. Вчера на седница на Влада се официјализираше меморандум за соработка со компанијата Казанџи груп која што е светски гигант во енергетиката и е заинтересирана за инвестиции од 1 милијарда. Градењето на когенеративни гасни централи е единственото трајно решение за загадениот воздух. Сè друго би значело ставање на проблемот под тепих. Со ова покажуваме дека мислиме и работиме за иднината на нашата држава…“, стои меѓу другото во објавата на Мицкоски од вчерашниот настан.