Мицкоски: Владата дозволи Бугарија да гледа на Македонија и на историското ВМРО како дел од нивната историја

од Nikola Popovski

Со митинг пред зградата на Владата, под мотото „Македонија повторно горда“, ВМРО-ДПМНЕ ја почна изборната кампања на нивниот претседателски кандидат Гордана Силјановска-Давкова.

„Тие (СДСМ) ја замислуваат ЕУ како да се качите во воз. Не. Брисел мора да дојде овде. Ниту еден од критериумите од Копенхаген не се применува, ние ќе го примениме. Кога не можете да го направите тоа што сте го ветиле, треба да си заминете. Доаѓаме“, рече Силјановска од митингот.

Таа додаде дека отсекогаш гордо ја претставувала својата земја и со тоа добивала признанија и ги повика присутните да направат разлика меѓу ветувањата и зборовите на противниците во изборната трка, бидејќи „тие го кажуваат она што посилниот (надвор) сака да го слушне, а ВМРО-ДПМНЕ не прави компромиси со вредностите“.

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на претстојните избори во земјава „доаѓа победа голема колку планина“ на неговата партија и коалицијата. Тој наведе дека најголемата грешка на СДСМ е што ја остави државата на ДУИ, а граѓаните кои не се меѓу пријателите на Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ или Миле Зечевиќ се чувствуваат „како од граѓани од втор ред“ и велат дека „царува дрогата“, „бандите дивеат“, а со криминалот и корупцијата, земјата се движи кон „Косово да биде побезбедно и понапредно“ од Македонија.

„Францускиот предлог ни го претставија како голем успех, а тоа е јамката околу вратот. Тие самите го отворија разговорот за потеклото на нашите дедовци и прадедовци, додека ние ги губиме нашите деца кои ја напуштаат Македонија поради овие политики. Ги урнаа темелите, а Бугарија ја искористи слабоста на власта. Создадоа кавги и ѝ дозволија Бугарија да гледа на Македонија и на историското ВМРО како дел од нивната историја. а тоа е главниот елемент од нашата македонска историја што самото по себе покажува дека имаме различна историја. Кажуваат дека имаат план за ЕУ ама не го кажуваат кој е планот, и како ако до сега не обезбедиле две третини за смена на Уставот како ќе обезбедат кога ќе бидат 30 пратеници во парламентот сите тие на купче заедно. Планот нивен за ЕУ е да ги ставиме Бугарите во Уставот, па после што биде нека биде. Тоа браќа и сестри, почитувани граѓани, не е план за ЕУ тоа е продолжување на нестратешкото работење по принципот купи ден продај. Ќе ставиме крај на откажувањата и поразите. Македонија не смее повеќе да губи и мора да ја направиме повторно горда. Имаме личност која ќе биде лидер и на меѓународна и на домашна сцена. Решението е принципиелната жена Гордана Силјановска, која има свој став и ќе се бори до крај“, рече Мицкоски.

Мицкоски упати прашање до Димитар Ковачевски, Али Ахмети и Стево Пендаровски да кажат дали нема да го бојкотираат вториот круг на претседателски избори откако Пендаровски ќе изгуби во првиот круг.

„Па од тука сакам да упатам јавно прашање до Ковачевски, Ахмети и Пендаровски доколку разликата во првиот круг помеѓу идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова и поразениот Стево Пендаровски биде со шест цифри, дали тогаш Димитар Ковачевски, Али Ахмети и Стево Пендаровски ќе излезете и докрај ќе се борите за да изгубите целосно во вториот круг на претседателските избори или кукавички ќе бојкотирате“, праша Мицкоски.

Услов за да има избран претседател на државата е во вториот круг од изборите да гласаат над 40 отсто од запишаните во избирачките списоци.

Слични содржини