Мицкоски: Владата не гледа проблем во дислокација на „УСЈЕ“

Премиерот порача дека загадувањето на воздухот е резултат на децениската негрижа кон граѓаните да им се обезбедат алтернативни извори на енергија со кои што ќе ги затоплуваат домовите

од Nikola Popovski
29 прегледи

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски вели дека прво сака да ги види донесените заклучоци од Советот на Град Скопје во однос на барањето за дислокација на цементарницата „УСЈЕ“. Според него, Владата ќе постапи согласно ингеренциите.

-Од тоа што можев да го слушнам во јавноста, се бараат вонредни инспекциски контроли и континуиран надзор. Тоа не е проблем и сега тоа функционира. Што се однесува до дислокација – и тоа не е никаков проблем, што се однесува до Владата. Така што, сето она кое што е проблем за граѓаните е и проблем за Владата, рече Мицкоски.

Сепак, премиерот вели дека загадувањето на воздухот е резултат на децениската негрижа на граѓаните да им се обезбедат алтернативни извори на енергија со кои што ќе ги затоплуваат домовите.

Мицоски вели дека немаат понудено опција за граѓаните и во источната и западната порта на градот како да ги затоплуваат домовите. Премиерот додава дека развиваат еден проект како Влада и најави детали за почетокот на 2026 година.

-Ги разбирам граѓаните и се во право. Ова мора да биде системско решение, потенцира Мицкоски на промоцијата на 120 нови полициски возила.