Мицкоски за антикорупциската платформа на СДСМ наречена „МИЦКО“: Мислат дека така ќе привлечат внимание

„Гледам почнале некоја кампања која ја брендирале со името МИЦКО. Направиле и веб-страна со името МИЦКО.мк. Мислат дека на тој начин ќе привлечат внимание. Јас им посакувам многу среќа во консолидирањето“, рече премиерот

од Nikola Popovski
25 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски од Брисел, каде што беше присутен на состанокот ЕУ-Западен Балкан, говореше за случувањата во СДСМ и изборот на новото раководство на партијата. Мицкоски притоа ја спомена и новата дигитална платформа на СДСМ за борба против корупција и криминал, наречена МИЦКО – Македонски Истражувачки Центар за Корупција и Организиран Криминал.

-Гледам почнале некоја кампања која ја брендирале со името МИЦКО. Направиле и веб-страна со името МИЦКО.мк. Мислат дека на тој начин ќе привлечат внимание. Јас им посакувам многу среќа во консолидирањето. На Македонија ѝ треба здрава опозиција. Ние како ВМРО-ДПМНЕ сме целосно фокусирани на испораката за подобар живот на граѓаните, нешто што од сите овие лидери овдека беше апострофирано на тие состаноци и беше искажана благодарност до Владата за сето она кое што го прави овие година и половина откако е избрана, кажа Мицкоски во интервју за МТВ.

Платформата на СДСМ е посветена на истражување и архивирање јавно достапни материјали и извештаи за наводни корупциски операции во Македонија. Целта е да се обезбеди транспарентност и информираност на граѓаните преку собирање, анализа и организација на податоци од различни извори, велат од партијата.

СДСМ соопшти дека имало 47 различни пријави за само еден ден на платформата МИЦКО.