Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба со земјоделците од Велес во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ нагласи дека земјоделството е уназадено, а земјоделците се манипулирани од актуелната власт, порачувајќи дека потребна е поддршка од страна на земјоделците за ВМРО-ДПМНЕ се со цел да имаат повеќе пратеници на следните избори за како што рече да можат да ги реализираат реформите и проектите.
„Цениме дека предолго време тапкаме или уназадуваме. И предолго време се зборува невистина и предолго време луѓето се манипулирани, за да функционираат институциите потребни се реформи, имаме план. Но, за да ги спроведеме тие реформи ни требаат пратеници, колку повеќе пратеници, мнозинство јас би сакал, толку полесно ќе ги спроведеме тие реформи“, вели Мицкоски.
Мицкоски вети и поголема поддршка од централната влада кон општините во износ од 250 милиони евра за инфраструктурни проекти кои што ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните.
„Со новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе има голема поддршка во многу инфраструктурни проекти во Велес. Ние планираме да реалоцираме некаде околу 250 милиони евра од централниот буџет кон општините. Од тие средства за еден четиригодишен мандат овде во Велес ќе бидат реалоцирани помеѓу 24 – 26 милиони евра, односно по 6 -6,5 милиони евра годишно, што цениме дека е навистина важно. Проектите веќе ги детерминиравме, ги определивме. И како идна влада ВМРО-ДПМНЕ има намера да се посвети во работата и во испораката кон општините, од владата кон општините. Се разбира тука се политиките пред се за земјоделците“, вели тој.