По обвинувањата дека е вмешан во приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас во петокот во Кавадарци, премиерот Христијан Мицкоски вели дека не знаел дека тоа воопшто се случило.
-Ми се јавија луѓето од Кабинетот да ме информираат. Претпоставувам дека некој таму сака да создаде естрада, која што таму е присутна, да ја пренесе овде. Мислам дека не треба многу внимание да му се посветува на ова. Јасни се законите и правилата и секој мора да ги почитува. Многу строго и внимателно ќе ги следиме однесувањата на ваков тип на естрадни уметници и нивните менаџери, кажа денес Мицкоски на отворањето на ресурсен центар на Министерството за локална самоуправа.
Српскиот турбо фолк пејач се огласи на социјалните мрежи откако беше приведен во Кавадарци поради нерегулиран настап, поради што беше парично казнет. Пејачот тврди дека целата акција била насочена лично кон него и дека дошла од властите. Лукас рече дека ќе размисли дали воопшто ќе настапува во Македонија „додека овие луѓе се на тие позиции“, бидејќи не се чувствува небезбедно.
Градоначалникот Митко Јанчев објасни дека организаторите однапред поднеле барање до Општина Кавадарци за поставување урбана опрема и проширување на просторот за концерт, но барањето било одбиено поради проценка дека условите се небезбедни.
„Беше побарано од Општина Кавадарци дозвола за поставување опрема за настанот на Аца Лукас. Комисијата утврди дека нема услови за тоа, поради безбедносни причини. На 14.11 барањето беше одбиено, а сопственикот беше писмено и усно информиран“, изјавил Јанчев.
Локалот во кој што настапувал Лукас имал капацитет од 200 гости, а внатре биле затекнати дури 700 лица.