Најостро го осудувам. Тоа сепак е чин на агресија и нешто за кое што ние предупредувавм дека ќе се случува ваков тип на ескалација на случувањата и поттикнување на етнички тензии. Ова нема да биде изолиран случај. Ќе има и во иднина. Како правдата се доближува до криминалците, така тие ќе стануваат понервозни и понетрпеливи ии единствениот начин да го одбранат криминално стекнатиот капитал е преку вакви инциденти, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски за вчерашното уништување на македонското знаме при прославата на денот на албанското знаме.
Мицкоски го повтори Тошковски и информира дека приведените лица ќе бидат обвинети за предизвикување расна и национална нетрпеливост, при што максималната казна затвор која можат да ја добијат е 5 години.
Премиерот смета дека „ова е мала и изолирана и манипулирана група од оние кои што ги штитат своите милиони“. Најави дека во наредните денови ќе има и нови приведени лица доколку постојат докази за сторено кривично или прекршочно дело.
-За ова бевме предупредени, бидејќи имавме информации и исто така ги информиравме нашите стратешки партнери. Заедно со МНР ги информиравме нашите стратешки партнери затоа што се случуваше, за тоа со какви информации располагаме. Бидете сигурно дека македонската влада ќе одговори најжестоко на ваквите случаи, рече премиерот на почетокот на реконструкцијата на спортската сала „Расадник” во Општина Кисела Вода.