Мицкоски за владиниот авион: Сам патувам, од Сплит ме зедоа бидејќи следниот ден имав неодложени обврски

„Ако се урнеме и починеме ќе стане јасно зошто ни треба нов авион“, порача премиерот

од Nikola Popovski
35 прегледи Фото: Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ја следи дебатата за користењето на владиниот авион. Според него, опозициијата со ниски страсти мисли дека ќе создаде тема со која ќе ја нападнат Владата, а оттаму и евентуалната набавка на нов таков авион.

Премиерот информира досега со него летал четири пати.

-Еднаш на покана на унгарскиот премиер имав билатерална средба. До Виена патував со комерцијален лет бидејќи еден од екипажот имаше приватни обврски и не беше во состојба да ме однесе до дестинацијата. За назад дојдоа да ме земат бидејќи имав итни и неодложни состаноци. Вториот пат бев исто така на покана на нашата сестринска партија на настан во Белград. Тогаш и отидов и се вратив. Сам патувам и дел од моето обезбедување. Третиот пат бев до Хрватска со комерцијален лет на „Кроација Ерлајнс“ до Сплит. На покана на хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ имав работна вечера и мојот годишен одмор кој што требаше да трае три дена, го продолжив за уште еден и бидејќи го испуштив комерцијалниот лет за повратно, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот авион ме зеде од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје. Четвртиот пат бев сега заедно со шефот на мојот Кабинет и мојот советник за надворешни работи до Тирана во еден правец и од Тирана до Скопје во втор правец, рече премиерот, одговарајќи на новинарски прашања.

Според Мицкоски, лицата кои што управуваат со владиниот авион иницирале да се набави нов авион.

„Гледам од опозицијата се создава оваа тема, иако на лидерски средби со претседателот на СДСМ разговаравме и тој рече дека за ова не треба да се критикува Владата бидејќи утре ќе биде друга влада, а возухопловот ќе се користи и за хуманитарни причини. Но гледам дека не си стојат на зборот, и ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и починеме претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок“, изјави премиерот.

Владата вели дека СДСМ шири хистерија откако лидерот на опозициската партија Венко Филипче побара одговори од премиерот Христијан Мицкоски за тоа кој патувал со него во владиниот авион на летот за Сплит во август минатата година. Од СДСМ велат дека премиерот го користел државниот ресурс за заминување на одмор и бараат отчет за сопатниците на овој лет.

Завчера, „Телма“, повикувајќи се на документи од Службата за општи и заеднички работи во Владата, објави на кои релации најмногу се користел владиниот авион, но и кои членови на Владата најмногу го користеле во периодот откако е формирана владата на премиерот Христијан Мицкоски, односно од јуни 2024 година до декември 2025 година.