Спасовски има две опции – едната е ако не се согласува да ја напушти Владата или втората е да престане да прави театар и да молчи и да прифати дека тие кои што се опфатени со законот се озлогласени криминалци, рече лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски откако министерот за внатрешни работи рече дека не се согласува со предлог-законот за амнестија.
Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, намалени казни и целосна амнестија ќе добијат нарко-дилери и лица што переле пари. Тој смета дека таквите лица повторно ќе се најдат на улиците и ќе прават проблеми.
Спасовски останува на ставот дека со предлог-законот за амнестија не се решава проблемот со затворите, поточно нивно депопулирање и создавање подобри услови.
„Јас искажава мој став, кажав дека тоа е мој став и јас стојам цврсто на тој став дека со законскиот текст не се постигнуваат ефекти и дека треба да се размислува стратешки во создавање на услови за да може тие кои се за издржување на казни да ги издржуваат казните, а не преку амнестии да ослободуваме простор во казнено-поправни установи“, рече вчера министерот за внатрешни работи.