Очекував дека СДСМ ќе биде порационален во своите изјави. И сега тоа што го прочитав, за мене беше неочекувано. Мислев дека заедно ќе застанеме еднаш за да обезбедиме национален консензус и заеднички да работиме на промените. Да не биде еднострано и ние да бидеме обвинети дека правиме нешто што е само во коалицијата на владата. Ги поканувам сите партии да направиме нова пракса, но не може никако причината да стане решение, рече премиерот Христијан Мицкоски по најавите за интерпелација на членовите на Судскиот совет и реакцијата на СДСМ.
Премиерот смета дека процесот треба да е инклузивен и да има општествен консензус. Вели не сакаме да имаме ексклузивно право и само ние да ги правиме измените. Мицкоски ги повика сите пратеници кога ќе дојде точката на дневен ред, да гласаат за разрешени на судиите од Советот и потоа „заедно да најдат луѓе кои ќе мониторираат и ќе бидат тие кои ќе идентификуваат судии кои што злоупотребуваат тоа што се судии и кои се причинители поради нивните контреверзни одлуки за некои процеси кои не треба да ни се случуваат“.
СДСМ вчера побара средба на сите собраниски партии за реформите во правосудството. Потребен е национален, натпартиски пристап кој ќе обезбеди реформи согласно европските препораки, вели лидерот на партијата, Венко Филипче. За тоа е потребно формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички спроведува реформите во овој чуствителен сегмент.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ поднесоа интерпелација за работата на петте членови на Судскиот совет, избрани од Собранието. Неодамна, мнозинството во законодавниот дом не го поддржа извештајот за работата на Судскиот совет за 2023-та, што како што велат од таму, е дополнителен показател дека се потребни реформи во судството. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски додека дека реакциите од граѓаните, медиумите, европската и стручната јавност се големи и потребно е да се започне со оваа иницијатива.