Мицкоски: Започна изградбата на нов продажен маркет на „Лидл”, ова е уште една потврда дека сме вистинска дестинација за инвеститорите

Македонски производи се наоѓаат на полиците на „Лидл" и во околните земји, порача премиерот

од Nikola Popovski
31 прегледи Фото: Фејсбук

Денес поставуваме камен-темелник на еден проект кој е важен за македонската економија и за нашите граѓани. Со оваа инвестиција, Македонија добива нова енергија, нови работни места и нова потврда дека сме вистинска дестинација за инвеститорите. Новиот малопродажен објект на „Лидл” ќе се протега на површина од 3.438 квадратни метри, со модерен продажен салон од 1.200 квадратни метри и со 57 паркинг места за удобност и достапност на потрошувачите. Ова не се само бројки, тоа е порака дека компанијата влегува сериозно на македонскиот пазар, со визија за долгорочен раст и развој, што впрочем можевте и да го слушнете, порача премиерот Христијан Мицкоски на почетокот на изградбата на нов продажен маркет на компанијата „Лидл“.

Премиерот порача дека оваа инвестиција се одолговлекуваше и беше заглавена, но, како што додава, токму по изборот на оваа Влада, пред неполни 15 месеци, веднаш се фативме за работа со цел да ги откочиме и ја ставивме меѓу првите приоритети.

-Затоа сум посебно горд што денес гледаме како една идеја станува реалност. Со тоа ја потврдуваме нашата определба да бидеме Влада која решава проблеми, отстранува пречки и отвора нови можности.

Особено ме радува што менаџментот на „Лидл” ја прифати нашата забелешка за зголемување на застапеноста на домашното производство и македонските производи на полиците на „Лидл”. Тоа е од исклучителна важност – затоа што со тоа не само што се поддржува локалната економија, туку се гради доверба кај потрошувачите дека македонското е најдобро.

И втора добра вест којашто сакам да ја споделам е дека не само на полиците на „Лидл” во Македонија се наоѓаат македонски производи, односно ќе се наоѓаат македонски производи, туку можам да кажам дека производи македонски се наоѓаат на полиците на „Лидл” во околните земји. Во 2024 година извозот беше околу 5 милиони евра. Очекуваме оваа година, во разговор неформален со менаџментот на „Лидл”, таа бројка да достигне и 10 милиони евра и со време таа бројка да расте. Тоа треба да биде инспирација, поттик и мотив за македонските претприемачи да ги задоволат стандардите на „Лидл”, да произведуваат според стандардите на „Лидл”, а „Лидл” сигурно дека ќе даде можност и шанса македонските производи да се наоѓаат на полиците на „Лидл” во околните земји и секаде онаму каде што „Лидл” ќе има потреба од квалитетни македонски производи.

Овој проект не е само почеток на изградба на еден обичен објект. Тоа е почеток на едно ново поглавје во малопродажбата, со нови стандарди, со поголема конкуренција и со подобри услови за граѓаните. Ваквите инвестиции носат повеќе избор, пониски цени и повисок квалитет, а тоа е најголемата придобивка за граѓаните, за секој потрошувач, истакна меѓу другото Мицкоски на поставувањето на камен-темелникот.