Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска од Будимпешта порача дека неговиот унгарски колега, Виктор Орбан покажал и докажал многу пати во минатото дека е човек со интегритет со свои ставови и дека неговиот збор тежи планини, за што, вели, ја има мојата неизмерна почит како човек кој што често пати со своето однесување, знае и да инспирира.
-Му честитам на резултатите во полето на економијата и реализацијата на капиталните инвестиции во Унгарија. Уште долго ќе ја води Унгарија, секогаш борејќи за интересите на својот народ и својата држава. Го поддржуваме неговиот одржлив став во поддршката во борбата за заштита на европските граници од нелегалните мигранти, рече меѓу другото Мицкоски на прес-конференцијата во Будимпешта.
Запрашан за европските интеграции на земјава, премиерот рече дека направивме многу односно „нешто што значеше штета на македонскиот идентитет“. Сепак вели дека мораме да останеме оптимисти и да се бориме и во иднина, иако сме свесни дека има малку и домашна вина.
-Нашите домашни корумпирани политичари, мислејќи дека Брисел ќе ни ја заборави корупцијата и криминалот дома, со тоа што ќе потпишуваат се што им е на маса, влегуваа во таков занес и ја влошуваа преговарачката позиција од месец во месец и од година во година. Оваа Влада нема намера да прави компромиси со таков тип на прашања, кажа меѓу другото Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.