Екстремните мерки не помагаат, отворени сме за дијалог, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за блокадите на грчките земјоделци што протестираат, цитирани од локалните медиуми.
Во изјава пред Владиниот совет за економска политика, Мицотакис посочи дека го разбира незадоволството на земјоделците поради доцнењето на плаќањата и нагласи дека тие сепак ќе добијат половина милијарда евра повеќе оваа година отколку минатата.
„Правам целосна разлика помеѓу оние што не ги добиле своите плаќања поради инспекции и оние што немаат право на субвенции“, истакна грчкиот премиер.
Протестите избувнаа поради доцнење во исплатата на земјоделските субвенции поради корупциски скандал во грчката агенција за земјоделски плаќања ОПЕКЕПЕ, иако владата започна со делумна исплата на субвенциите.
„Имаме зелено светло од Европската комисија за исплата на земјоделски субвенции според новиот систем и продолжуваме напред што е можно побрзо“, рече премиерот, цитиран од грчките медиуми. Мицотакис нагласи дека целта на владата е да исплати субвенции во вредност од 1,2 милијарди евра до крајот на декември.
Мицотакис, исто така, нагласи дека блокадите на автопатите, граничните премини и другите важни инфраструктурни локации во земјата не ги поддржуваат напорите на земјоделците и ги попречуваат другите социјални групи во општеството.