Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис повторно порачал дека прашањето за името на Северна Македонија е решено со Договорот од Преспа, врз основа на кој земјата стана членка на НАТО и дека тоа не може да се промени.
„Северна Македонија е името на државата и не може да се нарекува со друго име. А на премиерот на Северна Македонија, за време на Самитот на НАТО, апсолутно јасно му ставив до знаење дека тој е на таа маса токму затоа што е потпишан договор кој тој моментално не го почитува“, рекол Мицотакис во интервју за грчката ТВ „Skai“.
На прашањето кое е грчкото „оружје“ во однос на прекршувањето на Договорот од Преспа, тој одговорил дека најголемото оружје што го има Атина е тоа што е „набљудувач“ на европскиот курс на Скопје.
„И се подразбира дека нема да има приближување кон Европа, доколку ова прашање не се реши преку експлицитна декларација на раководството на соседната земја дека земјата треба да се нарекува така. Ние не бараме ништо друго. Pacta sunt servanda“, рекол Мицотакис и додал дека Грција има поддршка за ова прашање од цела Европа.
По повод 50-годишнината од турската инвазија на Кипар – 20 јули, Мицотакис истакнал дека тоа е тежок ден за сите Грци.
„И 50 години подоцна, сè уште имаме една третина од европските земји под де факто окупација. Тоа не е годишнина, годишнината обично се однесува на некој пријатен настан… ова е можност да размислиме за она што можеби не сме го направиле добро“, порачал грчкиот премиер.
Не знае, признава, дали Турција е подготвена да го преземе водството, но истакна и дека генералниот секретар на ОН навистина верува дека тоа е шанса што треба да се искористи.
„Грција е тука да помогне на кој било начин. Но, преговорите и одлуките се однесуваат на двете заедници“, додал Мицотакис.
Тој ѝ честитал на Роберта Мецоли за нејзиниот избор за претседател на Европскиот парламент и изразил надеж дека Урсула фон дер Лајен ќе биде избрана за претседателка на Комисијата, истакнувајќи дека „нема план Б за нејзиниот избор“.