Мицотакис ќе го покрене почитувањето на Преспанскиот договор на НАТО Самитот: „Грција треба да исполни дел од договорот кој се уште не е исполнет, а во тој дел ние стоиме многу подобро“

од Nikola Popovski
719 прегледи

Лидерите на западната воена алијанса денеска се состануваат во Вашингтон. Годишниот самит на НАТО, кој ќе трае до 11 јули, се совпаѓа со 75-годишнината од неговото основање и се одржува додека трае војната во Украина. На Самитот учество зема и македонска државна делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Во составот на делегацијата се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Иако засега нема ништо официјално изјавено од Вашингтон, грчката делегација предводена од премиерот Кирјакос Мицкотакис најави дека ќе го постави прашањето за почитување на Преспанскиот договор пред другите земји-членки на Алијансата. Грчкиот премиер отиде дотаму што неодамна најави дека е можно „непријатно прво искуство“ на НАТО Самитот.

-Во спротивно, единственото нешто што ќе може да го постигне е да има едно многу непријатно прво искуство, кога сите заедно ќе се сретнеме во Вашингтон, на 75-годишнината од НАТО, на почетокот на јули, рече Мицотакис на почетокот на минатиот месец. Од двете страни засега нема најави дека е предвидена средба меѓу двајцата лидери. Сепак доколку се случи, би била прва по острите реакции на официјална Атина за употребата на уставното име од страна на државниот врв во земјава.

Дали би можеле да бидеме „прекорени“ од другите земји-членки во Вашингтон?

Улогата на НАТО во Македонија покажува дека алијансата сега е „поважна од кога било“. Сепак, дел од експертите во земјава и поранешни амбасадори не очекуваат дека државата може да доживее непријатно искуство во Вашингтон. Поранешниот амбасадор во Унгарија, Игор Есмеров не верува дека може да бидеме прекорени од останатите членки на НАТО. Како што вели во изјава за „Локално“, тие се веќе информирани дека 99% од нашите обврски кои произлегуваат од договорот се веќе исполнети, што не е случај со процентот на обврски кои се исполнети од јужниот сосед.

Игор Есмеров

На прашањето дали јубилејот 75-ти роденден на НАТО е место и време за отворање билатерални прашања, како на пример меѓу Македонија и Грција, макар и на маргините на Самитот, Есмеров истакнува дека не постојат билатерални отворени прашања кои очекува да се отворат во овој момент.

-Геополитичката ситуација не го налага тоа, а и во суштина не постојат отворени прашања. Грција треба да исполни дел од договорот кој се уште не е исполнет, а во тој дел ние стоиме многу подобро, бидејќи од наша страна нема суштински отстапувања, истакнува поранешниот амбасадор.

Со сличен став е и поранешниот вицепремиер за европски прашања и екс-амбасадор во САД, Васко Наумовски.  Според него, Алијансата на овој самит ќе се фокусира на безбедносните предизвици со кои се соочува, особено руско-украинската војна, одбранбените капацитети на државите-членки, како и нивната внатрешна кохезија.

Васко Наумовски

-За билатералните прашања меѓу државите-членки може да се разговара на некои од средбите на маргините на самитот. Македонија е полноправна членка на НАТО, а за имплементацијата на билатералните договори може да се разговара на билатерално ниво, посочува Наумовски за „Локално“.

„Да се свртиме кон економијата – целата светска политика е поради економијата“

Поразговаравме и со аналитичарот и поранешен советник за надворешната политика, Мерсел Биљали. Според него, никогаш порано како во последниве 70 години, светот не бил поблиску до општ хаос, со оглед на војната во Украина, кризата во ЕУ во повеќе сегменти, поларизацијата Кина -САД во однос на Тајван и Јужното кинеско море, Северна Кореја, Блискиот Исток…

-Светот врие од опасности, а ние тоа народното „село гори, а баба се чешла“. И таа за евтин непринципиелен маркетинг наменет на најнеинтелигентниот и на најнеукиот слој на општеството. Искрено, посакувам да се свртат кон економијата што гледаме дека сепак нешто почна да се работи. Целата светска политика е поради економијата, а нија ја убиваме и таа слаба економија што ја имаме поради евтина и гола политика. Така не се прават славни водачи. Не се прави здраво општество кога се носи т.н. едноетничка делегација, па други понижени молат барем да се сликат некаде. Тоа е многу многу штетно, посочува Биљали во разговор за „Локално“.

Мерсел Биљали

Оттука играњето на картата на евтин популизам, додава тој, може скапо може да не чини.

-Нашите водачи треба да разберат дека Макеедонија нема ниту елементарен капацитет да ги игра тие политички игри што едни други држави си ги дозволуваат, оти ќе испаднеме како приказната со жабата и коњот, оценува професорот.

Според него, шансите се огромни поранешниот американски претседател Доналс Трамп повторно да ја добие претседателската трка. Смета дека неговиот концепт за помалите држави, посебно балканските е – ако немаат капацитет да преживуваат, нека исчезнат.

-Оттука, ние сериозно треба да подразмислиме дали весламе кон опасни водопади! Секое провоцирање на соседите е веслање кон опасни диви води, тврди Биљали.

Грчките медиуми, најавувајќи ги активностите на премиерот Мицотакис во Вашингтон на Самиот на НАТО што се одржува од денеска до четврток, пишуваат дека прашањето за неупотребата на уставното име на Македонија, ќе го покрене пред сите сојузници. Слично нешто вчера кажа и портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис.

-Ќе го покрене прашањето на највисоко ниво. Ќе го спомене Договорот што не се почитува, особено прашањето со сложеното име ерга омнес. Ќе спомене низа изјави што се спротивни на Договорот од Преспа, односно спротивно на она што е изгласано од двете држави, бидејќи како што сфаќате присуството на Северна Македонија на НАТО е резултат на овој Договор, но нашата соседна земја, не ја почитува ниту првата страница на овој Договор и е нешто за што се подразбира дека Мицотакис ќе го покрене, потенцирал Маринакис за активностите на грчкиот премиер пред тамошните новинари.

„Се подготвувам за непријатната ситуација за која зборува Мицотакис“ беше одговорот на Мицкоски на изјавата на грчкиот премиер во која тој предупреди дека Преспанскиот договор мора да се спроведува дословно и дека нема простор за т.н двојна формула – уставното име – надвор, а Македонија за дома. Смета дека има аргументи на негова страна со кои, како што вели, ако има потреба ќе аргументира во Вашингтон. Мицкоски вели дека неговата земја доволно била манипулирана и дека нејзиното интегрирање во ЕУ треба да биде само врз база на Копенхашките критериуми.

Н.П.

Слични содржини