Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави нулта даночна стапка за семејства со ниски приходи со четири деца почнувајќи од следната година, како и зголемување на пензиите.
Мицотакис рече дека силниот економски раст, поголемиот од очекуваниот буџетски суфицит и подобрата наплата на даноци ќе помогнат во финансирањето на пакетот.
„Сите сме добро свесни дека Грците се борат да врзат крај со крај. Затоа наш неоспорен приоритет е да ги поддржиме нивните приходи“, рече премиерот.
Даночната реформа вклучува два проценти пониска даночна стапка за сите категории, додека даноците на имот во областите далеку од големите центри ќе бидат укинати за да се охрабрат младите да се преселат на село.
Даночните реформи вредат 1,6 милијарди евра.
По должничката криза од 2009 до 2018 година, економијата на Грција, предводена од туризмот, се обнови и се приближува до својата големина пред кризата, објави Ројтерс.
Сепак, Грција останува најзадолжена европска земја, а расположливиот доход продолжува да заостанува зад просекот на ЕУ поради зголемувањето на цените на енергијата, храната и домувањето што ја оштетуваат куповната моќ, и покрај кумулативното зголемување на минималната плата за 35 проценти.