Во пресрет на изборите за Европскиот Парламент, Грција се повеќе ја зголемува реториката околу почитувањето на Преспанскиот договор. Оттаму и речиси секојдневните изјави на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во однос на Македонија и договорот со кој беше решен долгогодишниот спор меѓу земји.
Утрово Мицотакис уште еднаш упатил порака до македонските власти да се придржуваат до Договорот од Преспа. Тој во разговор за грчката телевизија „Опен“ истакнал:
„Договорот од Преспа мора да се почитува. Името на државата е Северна Македонија, а оние што сè уште ја нарекуваат Република Македонија ќе не најдат од спротивната страна. Нашите пријатели во Северна Македонија мора да разберат дека предизборниот период е завршен и тие мора да станат сериозни и да го почитуваат договорот ако сакаат да останат на европскиот пат.
Верувам дека ќе се изврши голем притисок, веќе имаше реакција од претседателот на Комисијата по грчката интервенција. Грција не е изолирана, Скопје е. Верувам дека ќе се прилагодат бидејќи сакаме добри односи“, потенцирал Мицотакис.
„Прашањата за името на Скопје не се менуваат. Она што треба да направиме е да им објасниме дека оваа нивна политика ќе ги доведе до меѓународна изолација, а тие не го сакаат тоа“, додал грчкиот премиер.
Критикувајќи ја СИРИЗА, тој го поставил прашањето до партијата на Стефанос Каселакис зошто не го доставиле предлог-законот за ратификација на меморандумите во последните пет години.
„Не сме наивни, тоа е главната причина зошто не ги ратификувавме. Видовме што се случува. Зошто некои луѓе доаѓаат и бараат во овој момент Грција да ги ратификува меморандумите. Видовме дека ВМРО-ДПМНЕ доаѓа на власт со националистички, екстремен говор со повикување на сите симболи и рековме дека не сакаме да продолжиме со ратификација бидејќи тоа ќе ни го одземе преговарачкото оружје“, додал Мицотакис.
Тој исто така појаснил дека „може да каже дека ќе го раскине Договорот од Преспа и дека ќе го укине со закон, но не го направил затоа што знае дека тоа не може да се направи“.
„Му реков на грчкиот народ дека ако се ратификува, тоа е реалност и мора да го почитуваме“, јасен бил првиот човек на грчката влада.