Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повторно се извини за железничката несреќа во која загинаа најмалку 57 лица, ветувајќи дека ќе ги поправи долгогодишните недостатоци во железничкиот сектор и ќе обезбеди финансиска поддршка за семејствата на жртвите.
Мицотакис на владина седница рече дека повторно се извинува за железничката несреќа во име на оние кои со години управуваа со земјата, а најмногу во негово име.
Тој ги наведе приоритетите на неговата влада, кои вклучуваат транспарентна истрага за причините за несреќата и компензација за семејствата на жртвите, објави „Ројтерс“.
Премиерот рече дека повеќе од 270 милиони евра ќе бидат инвестирани во железничката реформа и вети дека ќе ангажира повеќе персонал и ќе ја подобри безбедноста со инсталирање дигитални контролни системи долж железничката мрежа до крајот на август.
Мицотакис ги повика демонстрантите да не дозволат протестите да прераснат во немири.
Уште еден студентски митинг е закажан за денеска во Атина.
Несреќата предизвика протести против политичкиот систем кој постојано ги игнорираше повиците на железничките синдикати за инсталирање и одржување на дигитални безбедносни системи и ангажирање повеќе персонал.