Во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН, премиерот Киријакос Мицотакис ја истакнал посветеноста на Грција на принципите на дијалог, дипломатија и демократија. Тој во својот говор се осврнал на подобрените односи со Турција, ја повторил грчката поддршка за Украина, го поддржал правото на Израел на самоодбрана, но истовремено зборувал и за Преспанскиот договор со Македонија.
„Имаше напредок, но тоа не беше доволно. Дваесет и една година по Солунската агенда, остануваат значајни предизвици. Дозволете ми да бидам многу искрен: земјите од Западен Балкан мора да донесат конечна одлука да го остават зад себе трауматичното наследство на минатото.
За оживување на националистичките наративи и аспирации не треба да има место денес во регион кој е на прагот на пристапување во ЕУ.
„Да почнеме со основите: меѓународните договори мора да се почитуваат и да се спроведуваат целосно и со добра волја, без разлика дали станува збор за Дејтонскиот, Преспанскиот или за договорите меѓу Белград и Приштина“, рекол меѓу другото Мицотакис.
Официјална Атина ја засили реториката кон С. Македонија откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечената заклетва не го кажа уставното име на државата, а јавна поддршка доби и од премиерот Христијан Мицкоски.