Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис вчера одговaрал на новинарски прашања по првиот ден на Самитот на ЕУ во Брисеол. Како што пренесуваат грчките медиуми, тој се осврнал на предизвиците на новата македонска влада.
„Со оглед на тоа што имаше дел за прашањата за проширувањето, презедов иницијатива и ги информирав моите колега во Европскиот совет за случувањата во Северна Македонија, за фактот што и претседателката и мандатарот за премиер всушност директно го прекршуваат Договорот од Преспа, игнорирајќи го во пракса ерга омнес и избирајќи да користат друго име, а не уставно дефинираното име на земјата, за внатрешна употреба, што е целосно спротивно на духот на Договорот од Преспа“, рекол Мицотакис, на прес-конференција по дебатата за Стратешката агенда на ЕУ.
Претседателот на грчката Влада потсетил дека тоа е нешто што целосно се коси со духот на Договорот од Преспа.
„Апсолутно јасно ставив до знаење дека доколку Скопје инсистира на оваа линија, тоа, во суштина ќе го направи исклучително тежок, ако не и во пракса да го поништи, секој процес на брза конвергенција со европското семејство. Така што, мислам дека треба сите да ги разберат последиците од своите постапки и да знаат дека почитувањето на европското законодавство, очигледно поминува преку верното почитување на меѓународните договори што се потпишани, во овој конкретниот случај, од двете страни“, подвлекол Мицотакис.
Во Брисел се одржува дводневен Самит на лидерите на ЕУ.
Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски се подготвува за средбата со грчкиот колега за време на самитот на НАТО во јули, откако Мицотакис повторно предупреди дека македонскиот премиер ќе се најде во многу непријатна ситуација во Вашингтон.