Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис вчера упати порака до Македонија и Албанија дека треба да знаат дека постојат правила во однос на нивниот европски пат, кои вклучуваат владеење на правото, човекови права и малцинства.
Коментирајќи ги изјавите на албанскиот премиер Еди Рама за Албанците во Грција, Мицотакис за грчка телевизија на прашањето дали „конечно ќе стави крај на приемот на Албанија во ЕУ“, одговорил дека односите меѓу Грција и Албанија се сложени и дека начинот на кој Албанија се однесувала кон избраниот градоначалник на Химера е целосно неприфатлив.
Тој посочил и дека стотици илјади Албанци живеат и работат во Грција, а нивните деца се грчки државјани.
„Мислам дека сè што ги труе односите меѓу два народа не е добро. Ние сме соседи, „осудени“ да живееме заедно. Освен тоа, Албанија мора да знае, а истото важи не само за Албанија, туку и за Северна Македонија дека постојат правила во однос на нивниот европски пат, а почитувањето на владеењето на правото, човековите права и малцинствата е централното јадро на она што го нарекуваме европско аки, кое Албанија мора да го почитува“, рекол Мицотакис.
Кога станува збор за Северна Македонија, на прашањето дали разгледува евентуално поништување на Договорот од Преспа како „последно оружје“, Мицотакис одговорил дека Договорот не предвидува такво нешто, но дека прашањето за почитување на договорот може да се отвори, но дека е убеден дека тоа нема да биде потребно.
„Мислам дека и во Скопје можеби ќе сфатат дека предизборниот период заврши. Национализмот е минато. Договорот од Преспа и покрај тоа што не го поддржавме и осудивме некои негови аспекти, е апсолутно јасен. Но, ние рековме дека ќе го почитуваме, бидејќи тоа е меѓународен договор кој има предност над националното право. Покрај тоа, Договорот од Преспа има одредба за името, а името на државата е Северна Македонија и тоа важи за сите“, потврдил Мицотакис.
Во таа смисла, тој навел дека очекува од новиот македонски премиер да даде експлицитна изјава дека земјата се вика Северна Македонија.
На прашањето дали се работи за билатерално или прашање што се однесува на цела Европа, Мицотакис одговорил дека тоа сега е европско прашање.
„Мислам дека е успех на грчката надворешна политика и показател за престижот што го има Грција и фактот дека со јавување на два-три телефони, во рок од неколку часа, имаме осуда за изјавите на претседателката на Северна Македонија која одби да положи заклетва во согласност со уставното име на државата. Ова е уште еден доказ зошто Грција е важна. И уште еден показател зошто се важни европските избори: затоа што денес гласот на Грција се слуша во Европа и тој мора да се слушне уште погласно“, рекол Мицотакис.