Мицотакис со индиректна порака до Мицкоски: „Ако некои мислат да не го почитуваат Договорот од Преспа, треба да знаат две работи“

од Nikola Popovski
3,5K прегледи

Премиерот на Грција и претседател на партијата Нова демократија, Кирјакос Мицотакис денес излезе со нова реакција на пораките од Скопје дека во иднина ќе се употребува името Република Македонија во јавни настапи.

-НД не гласаше за Договорот од Преспа и изрази сериозни резерви кога тој беше ратификуван во грчкиот парламент. Но, ние рековме дека штом ќе биде усвоен овој Договор, тој не може да се промени и ќе бидеме принудени да го почитуваме и покрај неговите проблеми. И тоа е она што го направивме, рекол Мицотакис при посетата на градот Верија, за кој вели дека е „срцето на Македонија“.

-Ако некои мислат дека можеби нема да го почитуваат Договорот, треба да знаат две работи: прво, дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен и второ, дека меморандумите што требаше да ги ратификуваме нема да бидат ратификувани, се додека новата влада (во Скопје) целосно не го почитува она што го предвидува Договорот, кажал Мицотакис, испраќајки индиректна порака кон идниот мандатар на македонската Влада, Христијан Мицкоски.

Тој додал и дека неговата влада пристапува кон овие прашања „без крајности, без многу помпа, туку со потребната строгост и сериозност“.

Мицкоски вчера повика на добрососедски и пријателски односи со Грција и апелираше дека во иднина нема да има повеќе закани, опструкции и враќање во минатото, туку двете страни треба да гледаат кон иднината. Тој рече и дека наскоро очекува средба со грчкиот премиер со кој ќе разговара за економијата, туризмот, образованието.

-Заклетвата на претседателката Гордана Силјановска Давкова беше достојна. Очекував честитка од јужниот сосед за убедливиот триумф, но, за жал, добивме политички мускули. Ако некој очекува ВМРО-ДПМНЕ да ги повтори грешките од минатото, нека биде сигурен дека нема да го направиме тоа. Немаме намера да одговориме на нивните политички забелешки со преименување на автопатишта и аеродроми или со изградба на споменици. Не очекувам односите меѓу двете земји да се засноваат на политички мускули, туку дека ќе имаме одлични меѓусоседски односи. Ценам дека ВМРО-ДПМНЕ и Владата предводена од Нова демократија имаат свој став во однос на Договорот од Преспа бидејќи ниту на едните ниту на другите не ни се допаѓа тој договор, рече Мицкоски.

Слични содржини