Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денес изјави дека владата „нема да попушти на уцените“ од земјоделците кои протестираат поради доцнењето на исплатата на европските субвенции и зголемувањето на трошоците за производство и го обнови својот повик за разговори, објави онлајн изданието на „Катимерини“.
Грчките земјоделци продолжуваат да ги блокираат главните автопати низ Грција пред претстојните празници, а властите воведуваат пренасочувања на сообраќајот. Некои групи земјоделци објавија дека ќе ги отворат автопатите од вторник до петок за да го олеснат патувањето за време на Божиќ, по што ќе проценат како да ги продолжат своите активности пред Нова Година.
„Време е да преземеме заедничка одговорност кон општеството“, рече Мицотакис на состанок на владата, обраќајќи се до земјоделците. „Нашите сограѓани не треба да страдаат или да бидат изложени на ризик од сообраќајни несреќи. Сообраќајната полиција ќе игра водечка улога.“
Мицотакис ги поканил земјоделците на состанок за да ги разгледаат нивните барања, но без успех.
„На оние кои го претпочитаат парадоксот да имаат барања, а да не доаѓаат на дијалог, им одговараме дека владата нема да подлегне на уцени. Нема да има дискриминација во корист на една општествена група во однос на друга“, додаде тој, признавајќи дека многу од барањата на земјоделците се фер.
Порано денес, владин извор изјави дека грчката влада нема намера да попушти пред она што го опиша како „неразумни барања“ на земјоделците, но разгледува дополнителни мерки за олеснување насочени кон намалување на тензиите и покажување подготвеност за дијалог.