Неколку десетици мигранти со потекло од Конго упаднале во просториите во кои порано се наоѓала македонската амбасада во Брисел. Станува збор за зградата, која според Договорот за наследување на имотот на поранешна Југославија им припаднал на Македонија и Хрватска.
Властите во Брисел преговараат со организаторите на „окупацијата“, Здружението на волонтери за интеграција на лица без регулиран престој во Брисел (CSPBIB), со цел мигрантите доброволно да го напуштат објектот кој има екстериторијален статус.
Здружението во разговор со претставници на македонската амбасада во Брисел ветило дека мигрантите нема да уништат или украдат ништо од просториите, туку дека на овој начин само сакаат да извршат притисок врз властите да ги сместат некаде.
Бриселскиот портал „Бруз“ објавил дека 50 од групата од околу 150 лица кои биле сместени во друг објект, влегле во зградата, од каде што требало да бидат иселени во рок од една недела.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Белгија веќе подолго време се соочува со недостиг на сместување за овие лица, како последица на зголемениот прилив на баратели на азил.