Застапниците на човековите права наскоро се побунија против кршењето на слободата на говорот и приватноста, вклучително и на некои членови на еврејската заедница.
Американската влада најави дека ќе започне со проверка на социјалните мрежи на имигрантите и барателите на виза за, како што ја нарекува, антисемитската активност. Застапниците на човековите права набрзо се побунија поради кршење на слободата на говорот и приватноста, а меѓу нив имаше и членови на еврејската заедница, пишува Ројтерс.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп се обидува да ги задуши пропалестинските протести поради разорниот воен напад на американскиот сојузник Израел врз Газа.
„Денес, Службите за државјанство и имиграција на САД (USCIS) ќе почнат да ја разгледуваат антисемитската активност на странците на социјалните мрежи и физичкото вознемирување на еврејски поединци како основа за одбивање на барањата за имиграциски бенефиции“, објави Министерството за домашна безбедност.
Социјалните мрежи под лупата на САД
Кандидатите за постојан престој во САД први ќе подлежат на новите мерки и во најбрз можен рок ќе бидат разгледани нивните социјални мрежи. Заедно со нив, мета се и странските студенти и оние поврзани со образовните институции кои имаат врски со антисемитски активности.
„Нема место за симпатизери на тероризмот во САД“, соопшти Министерството.
Администрацијата на Трамп често ги етикетираше пропалестинските протести како антисемитски и ги обвинуваше сите демонстранти дека се симпатизери на милитантните групи како Хамас и Хезболах.
Владата претходно се обиде да депортира некои странски студенти, укина повеќекратни визи и им се закани на универзитетите со кратења на финансирањето поради пропалестинските протести организирани од студентите.