Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ бил нервозен лут на прес-конференцијата пред натпреварот против Интер затоа што се сомнева дека некој од клубот дава информации до новинарите.
Михајловиќ, кој е познат како некој без „влакна на јазик“, го коментирал фактот дека новинарите однапред знаат кој тим ќе го изведе на терен на утрешниот натпревар и најави дека поради тоа нема да ја менува тактиката.
„Не знам кој играч разговара со новинарите само за да добие поголема оценка во печатот. Ако дознаам кој е, ќе го обесам на ѕид, така што тој повеќе нема да може да игра фудбал“, изјавил Михајловиќ.
Болоња има две победи на последните три натпревари во Серија А, и има ист број победи на претходните две гостувања на „Џузепе Меаца“.
„Како што велат, таму каде што има две, има и трета, но да видиме дали е тоа вистина. Треба само да постигнеме еден гол повеќе од нив“, посочил Михајловиќ.
Поранешниот селектор на Србија имал интересна опсервација и кога станува збор за најдобриот напаѓач на Интер, Ромелу Лукаку, кој постигна 11 гола на 12 натпревари во сите натпреварувања оваа сезона.
„Како поранешен фудбалер, можам да кажам дека нема шанси да го запрам, тој е посилен, побрз и повисок од мене, па би можел да се обидам да го запрам во боксерскиот ринг затоа што не можете да удирате под појас на фудбалските терени“, се пошегувал Михајловиќ.