Михајловиќ: Гасовод од 20 милиони евра и соларна централа дел од заедничките проекти со С.Македонија

од Vladimir Zorba

Вицепремиерката и министерка за рударство и енергетика на Србија, Зорана Михајловиќ изјави дека иницијативата „Отворен Балкан“ претставува можност Србија, Албанија и С. Македонија заеднички да реализираат проекти од областа на енергетиката, пред се кога станува збор за нови капацитети и зајакнување на енергетската безбедност.

Таа додаде дека тоа е одлична можност за поврзување и соработка, за проток на луѓе, стоки и капитал, како и за заеднички проекти.

„Денеска доаѓаат претседателите на владите на Албанија и С. Македонија и ќе бидат потпишани неколку договори. Имаме и заедничка група за енергетски кризи за која разговаравме неодамна во Тирана. Имаме неколку проекти со С. Македонија што планираме да ги направиме. Едниот е гасовод кој ќе чини околу 20 милиони евра, со капацитет од 1,4 милијарди кубни метри гас. Разговараме и за можноста за изградба на заедничка соларна централа. Кога станува збор за соработката со Албанија и изградбата на нов терминал за ЛНГ, разговараме за можноста Србија да биде дел од тој проект. Тој терминал, кој треба да профункционира за две години, ќе има капацитет од пет милијарди кубни метри гас и би било многу важно да имаме можност за снабдување“, се наведува во писмената изјава на вицепремиерката.

Она што е важно за сите три земји и за што исто така разговаравме, додаде Михајловиќ, е заедничкото балансирање на електричната енергија, имајќи предвид дека сите имаме капацитети кои користат ОИЕ и планот е да ги зголемиме.

Слични содржини