Михајловиќ: Србија станува транзитна рута со нафтоводот кој ќе оди преку С. Македонија до Албанија и Грција

од Vladimir Zorba

Потпретседателката на Владата на Србија и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ денеска изјави дека изградбата на нафтовод до Унгарија и до Албанија и Грција, преку Северна Македонија, ќе значи дека Србија станува транзитна рута.

„Го имаме Јанаф, добиваме нафта преку тој гасовод, но важно е да размислуваме стратешки. Нафтовод од Панчево до Ниш, Скопје и два крака – до Солун и Драч, а од друга страна, изградба на нафтовод од Панчево до Унгарија, би значело дека Србија станува транзитна рута. Станува збор за инвестиции од 500 до 700 милиони евра, но тоа е вообичаено за вакви големи проекти кои се значајни не само за Србија и регионот, туку и за поширокиот регион“, рече Михајловиќ.

Таа додаде дека кога станува збор за Турски тек преку кој Србија добива гас, важно е државата да реагира, доколку има некакви најави, сите надлежни институции кои се занимаваат со него да се погрижат тоа што минува низ Србија да биде заштитено.

„Ние сме подготвени колку што можеме, имаме полн магацин во Банатски двор, имаме половина милијарда кубни метри во Унгарија и испорака преку Балкански тек. Доколку се случи гасот да не стигне до нас, било да се работи за саботажа или дефект, во тој момент се активираат кризни планови и започнува замена на мазутот. Имаме доволно енергија за сите топлани“, рече Михајловиќ.

Слични содржини