Мијалков призна вина за „Империја“, доби 3 години затвор и даде имот вреден 30 милиони евра

од Nikola Popovski
271 прегледи

Поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков ја призна вината за случајот „Империја“ и се согласил на три години затворска казна. Исто така, Мијалков се согласил да биде конфискуван неговиот имот во вредност од околу 30 милиони евра, потврди за МИА Вилма Русковска, шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

-Според процената за 2011, 2013, 2016 и 2019 година вредноста за недвижниот имот е околу 17 милиони евра, но со оглед на покачување на недвижностите, бидејќи сепак се работи за 25 станови во Скопје сметаме дека негде имотот е околу 30 милиони евра, изјавила Русковска.

Случајот „Империја” во 2018 година го отвори поранешното СЈО и во него Мијалков се товари за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Претходно и бизнисменот Орце Камчев призна вина во случајот и доби казна затвор од една година. Русковска пред неколку месеци информира дека Камчев исто така се согласил да уплати 5,1 милиони евра во државниот буџет, односно правното лице „Кара“ од Скопје.

Постапката на спогодување е целосно завршена и сумата што веќе ја уплатил Камчев е повисока и достигнува околу 6 милиони евра.

Истрагата ја води обвинителката Лиле Стефанова. По трансферот на овој предмет од СЈО во ОЈО за организиран криминал и корупција, шефицата Вилма Русковска во „Империја“ ја вклучи и обвинителката Гордана Смаќоска.

Освен нив, во овој случај како осомничени се спомнуваа и Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

Слични содржини